За нас Импресум Контакт

Овче Поле, олеле!

 

Објавено на 15.12.2019, прочитано 521 пати

Фељтон за Овче Поле - ДРЕВНОТО ОВЧЕ ПОЛЕ ВО НОВОТО ВРЕМЕ

пишува - м-р Никола Ристевски

Овче Поле, олеле

 „…со должина од исток до запад осум часа, а широчина север југ четири часа, тоа е широко и откриено поле од пустинообразен вид со голи и грозни височини.. ”

Така Ѓорче Петров напишал во „Материјалите за изучување од Македонија“, издадена во 1896 година. Во делот од книгата од каде што се земени погорните редови, пишува и дека големата македонска котлина името го добива од богатите пасишта, на коишто паселе многу стада овци. Не бил далеку од вистината. Древното име на оваа котлина било Пробата, пак овца. Седум години по издавањето на книгата во која ги запишал своите научни патувања, по Илинденското Востание, Овчеполскиот округ сѐ уште бил жариште, па Војводата во своите спомени запишал: „Пушкаров ми беше ветил канал, а тој направил судир…“ за битката кај дабовата шума кај Ѓуришкиот Манастир, која се случила неколку денови пред да пристигне Петров со четата, крајот на август 1903 година. Стратешко место за коешто се пролеало многу крв низ милениумите, и ден денес е мамка за сите оние кои милуваат да ја запознаат Македонија одблизу, во самата срж.

Голите и грозни височини се неколкуте ридови и многуте височинки со чудни форми, сите пониски од 1000 метри. Поволните пасишта користеле за благосостојба на генерации луѓе од најдревното минато, па до ден денес. Во истото поле се наоѓаат Руг Баир и А(м/н)забегово, кои заедно со Говрлево, Вршник и неколку други места се основата на епохата ран неолит. Илјади години, коишто подобро да не се наведуваат во реченица, бидејќи предизвикуваат навидум чудни сензации на различни нивоа, кај различни групи на луѓе. Руг на турски значи душа, па и повеќе од веројатно е слободниот превод на современ Македонски да е Ридот на Душите, што се надоврзува со писанијата на еден современ македонски професор за непознатата локација на медното/бакарно гумно во Овче Поле, местото каде што „обитавале мртвите души“. Чукун дедовците оставиле еден куп пораки, присуството на скоро тристотини потврдени археолошки локалитети, огромен број на знајни и незнајни цркви и манастири, ретко кои обновени, а многу заборавени од луѓето, чудните геоморфолошки појави со преданија и легенди коишто се пренесуваат од колено на колено, и ден денес се мамка за љубителите на корените, македонската лоза, природните убавини и богатства. Малиот број на туристи со развиена свест за чистата енергија од овие места и големиот број на секакви авантуристи кои редовно го посетуваат огромното поле сѐ уште негуваат некаков интерес за овој регион, што потврдува дека пораките од минатото одекнуваат до ден денес.

Овде над глава можат да ви прелетаат многу птици, но и најретките видови  на македонски орли.

Можете да ги посетите Кутлеш и Синај. Кога поминувате по патот Штип – Велес нема како, а да не го забележите осамениот рид Богословец. Читано по македонски, Божјо Слово. Зад него е најголемата кривина на реката Брегалница, каде Пеонските кралеви биле капени пред крунисувањето. Истите тие делумно успеале да ја зачуваат светоста на древното знаење и по смртта на Александар, добро чувајќи го преминот на Горната Земја. Нивните дедовци, стрелците со криви лакови и огнени стрели, имале божествено потекло, потомци на Пелагон и Аксиј. Пеонците биле нарекувани и Пелагонци, а Пелагонците Титани. Престолнината на истите е лоцирана овде, кај селото Кнежје, ја нарекуваат Била, Бела, Пела, Македонска Зора. Изгрејсонце, нова надеж, ново Сонце на слободата.

Можеби овие древни спомени за големата македонска котлина се причината за сè поголемиот број странци, но и добронамерни Македонци коишто доаѓаат на прошетка овде. Не секогаш престојуваат во гратчето, често логоруваат со шатори, а веќе зачестуваат и преноќувањата во стариот Ѓуришки манастир.

Таму, на Градиштанска планина, има дабови толку големи, што треба неколкумина за да прегрнат едно стебло. Кон крајот на седумдесеттите години од минатиот век, ова место и официјално е потврдено како воздушна бања, поволна за престој на заболени, дури и од најкритични болести. Ноќите студени, понекогаш се слуша дури и виењето на волците, а ѕвездите и млечниот пат како на дланка –  местово е совршено за набљудување на ноќното небо. Преку ден, тука се гуштерите и змиите – овековечени и на чешмата до манастирот и неколку нејзини копии, внимателно го чуваат древниот премин од модерни патувачи по патот на македонската лоза.

Во манастирот домаќинот ќе ве пречека со спомени за дедо Варадин, мистичниот повратник од Рила, неговата градина, како и годините кога сите дечиња од околијата го поминувале летниот распуст во манастирските конаци.

Ветриштата дуваат од четири страни и се судираат над еден од ретките врвови, старите велеа дека затоа немало дожд во полето. Сонцето грее скоро три илјади часови во годината, и повеќе од доволно за да народот од овие простори истрае низ вековите. Љубителите на екстремни патеки и терени се дрзнуваат да прошетаат и до отаде Богословец, над Брегалница, за да го видат озлогласениот Ѕид, којшто според легендата е наречен ѓаволски.

Ѓаволот се обложил со Господ дека кај Богословец за само една ноќ ќе изгради ѕид со кој ќе ја пренасочи реката Брегалница од нејзиното природно корито, нејзините води ќе ги упати кон Овчеполието и целосно

ќе го поплави. Господ го прифатил облогот, а ѓаволот се обврзал да го изгради ѕидот додека не закукуригаат првите петли. Истата ноќ ѓаволот започнал да го гради ѕидот и тоа го правел толку брзо и вешто што не оставал место за сомневање дека работата ќе ја заврши навреме. Тогаш Бог се послужил со итроштина – пред зори клоцнал еден од заспанит петли. Петелот кукурикнал порано, со што Сонцето ја спречило работата, та ова денес биле остатоци од неговото ѕидарство.

Суеверни посетители врзуваат црвени и бели конци околу една огромна карпа и своите појаси. Говедар Камен се наоѓа во самата близина на градот. Карпата како да паднала овде од небо. Низ цел свет е позната моќта на исцелување на овој камен, а многу семејства добиле пород токму по посетата на ова место. Една од старите, скоро заборавени легенди, е за заменетиот царски син.

Многу одамна некој цар имал само ќерки. Затоа кога царицата останала пак бремена, тој, пред да замине во војна, и се заканил дека до колку пак му роди женско дете да не го чека. Царицата родила машко дете, но нејзините дворјанки во големиот страв од помислата дека детето пак ќе е женско, го замениле со едно штотуку родено машко циганско дете. Кога се вратил царот ја слушнал саканата вест: Царицата му родила син. Годините минувале. Доведениот царски син растел и сè повеќе ги покажувал особините на својот цигански род: кога си играл со децата ги терал да лајат по него, да му ги кинат алиштата и имитирал како проси. Напоредно вистинскиот царски син, како цигански посинок, ги чувал селските говеда. Меѓутоа и тој ги покажувал сите знаци на своето потекло. Ги чувал говедата околу овој камен и си замислувал дека тие се војска, а тој од Каменот командува како вистински цар. На царот му станало сомнително однесувањето на лажниот син. Затоа еднаш заканувајќи се со најлошото ги натерал дворјанките да ја кажат вистината. Кога ја дознал вистината веднаш со својата придружба пошол да го бара вистинскиот син. Царот го нашол својот син седнат на каменот. Сакајќи да провери дали навистина говедарчето што седи на каменот е неговиот син, го прашал колку вреди тој и неговото царство (колку богатство сакаш). Говедарчето гледајќи неговите златни алишта и накитената свита, го погледнало и му рекло: Што е твоето богатство во однос на еден убав априлски дожд врз ова поле (една утринска роса во Овчеполието). Тогаш царот разбрал дека тоа е неговиот син и прегрнувајќи го, благословил сите оние што немаат деца да доаѓаат овде и да си најдат лек за својата мака.  

Говедар камен и годинава беше посетен на Ѓурѓовден од луѓе со надеж за здравје, к’смет, бериќет и плодност.

Чудотворната моќ пренесена од народните преданија нè потсетува и на Свети Никола Чудотворец, според којшто денешниот град го носи името.

Пред нешто помалку од два века, централна развиена населба во Овче Поле било Немањици, а на местото на денешниот град била населбата со цркви, Црквиште – Крк Клисали. Со векови останала црквата Свети Никола во самиот град, а за светецот  е поврзана легендата за чудотворното излекување на Стефан Дечански ,,… И на Овчем Поле, свети Никола очи му дарова въ црьквi…“. Кај локалните староседелци  ова се пренесува како – „Стефане, очи твои на длан мој“. Лозата на Дечани оставила траги и на блиското Ѓуриште, во стариот град Коритос, којшто бил  користен од истите како резиденција за одмор и мирно живеење. Убавината на оваа црква расте, лани со поставување на престолот Прохор Пчински во подземната стара црква, во чест на Свети Прохорија, родум од селото Ерџелија, беше одбележан споменот за овој голем Македонски Светител.

За некои хаотична пустина, самото по себе Овче Поле покажува и докажува  дека и во хаосот има ред. Пркосејќи на годините, останува ехото од минатото – живи и здрави, Македонците сѐ уште успеваат да смогнат сили за да се оттргнат од секојдневието и да се освежат со прошетка низ малото гратче и неговата околина.

Ѕе, повелете во Свети Николе, каде што како да важи онаа народната „недостига уште на попот капата“, каде што големи цркви се изградени на местата на древни храмови, точно за да формираат совршен крст, кајшто древно писмо напишано на рид се чита од небо…свето место е градот на Свети Никола.

Текст напишан во 2012 година, објавуван на повеќе интернет страници во следните години, а во 2016 е објавен во книгата „Имагинариум“

м-р Никола Ристевски

Фељтон за Овче Поле - ДРЕВНОТО ОВЧЕ ПОЛЕ ВО НОВОТО ВРЕМЕ 5