За нас Импресум Контакт

Соленото млеко од Овчеполските овци

 

Објавено на 13.12.2019, прочитано 544 пати

Фељтон: Древното Овче Поле во новото време

пишува: м-р Никола Ристевски

Соленото млеко од Овчеполските овци

Овчеполската котлина располага со пасишта на површина од околу петнаесет илјади хектари. Самото име Овче Поле јасно кажува дека уште од дамнина овде биле најздравите овни, овци и јагниња, а сирењето од овој регион било едно од најбараните на целиот Македонски полуостров (Балкан). Природната соленост на овчеполското сирење е она што го правело толку барано на големите пазари. Во Овчеполието има многу герени, односно солени пасишта – каде што земјата е природно солена, од народот нарекувани и како соленчаци. Овците кои пасат на ваквите места даваат млеко од кое што се добива сирење со посебна арома, висок квалитет и природна соленост. Поголемиот дел од сите Овчеполски пасишта се наоѓа на солена подлога. Ова е единствен ваков регион во светот, каде што тревата најмногу им одговара на овците. Овчеполските јагниња биле барани уште од памтивек, а тајната за нивното здравје и денес се памети од локалното население. Поради тоа што пасат на солена земја, јагнињата немаат слој со лој околу срцето, што ги прави особено здрави. Пред повеќе од сто милиони години, кога Вардарскиот океан се повлекувал од оваа територија, се задржале остатоци од натриумски и калиумски соли врз кои се таложела тиња, па низ вековите почнале да се раствараат и да стигаат до горните слоеви на земјата. Патеписците кои минувале на Балканот пред стотици години пишувале за млекото и сирењето од Овче Поле. Евлија Челебија и Васил Кнчов на пазарот во Солун забележале дека најбарано било Овчеполското сирење со посебна арома и вкус кои се чувствувале од далеку. Чорбаџиите слушнале за природната соленост на млекото од Овчеполски овци, па често го барале вкусното сирење. Трговци од многу земји доаѓале во Овче Поле и Свети Никола за да набавуваат директно од производителите. Во текстот на М. Чучковиќ од пред помалку од еден век, дознаваме дека на секое пазариште каде што се продавало Овчеполското сирење, се ширел специфичниот мирис од млекото од полето на овците. До пред околу сто години, во Овче Поле имало скоро секогаш имало над сто илјади овци. Во бившата држава некогашниот ЗИК Овче Поле чувал шеесет илјади овци. Денес видот на овца – Овчеполка е пред исчезнување. Бројот на стадата во Овче Поле е значително намален, сега регионот располага со едвај дваесет илјади овци.     

м-р Никола Ристевски                                                      

Текст напишан во 2016, објавен во „Зборник за Овче Поле - книга прва“ во 2017 година