За нас Импресум Контакт

50 годишниот јубилеј на Домот на културата и новата книга за Свети Николе

 

Објавено на 22.01.2019, прочитано 405 пати

Во оваа 2019 година Домот на културата „Крсте Мисирков“ во Свети Николе го одбележува својот 50ти јубилеј. Оваа институција е формирана во далечната 1969 година, се сместила во тогашниот новоизграден објект Дом на култура каде што е и денес неколку години подоцна, а со својата дејност опфаќа повеќе делови од културниот живот на општината Свети Николе во изминатите децении. Во чест на 50 годишнината од работата, ОУ Дом на култура „Крсте Мисирков“ во 2019 година организира свечена програма со цел одбележување на значајниот јубилеј.

Годината ќе започне со претставување и прикажување на новата книга за Свети Николе од роднокрајниот автор м-р Никола Ристевски, насловена „Свети Николе – главната населба во Овчеполската Котлина“ која авторот ја објави во текот на есента минатата година. На настанот освен ова значајно издание за Свети Николе ќе биде претставена и интернет страницата за Овче Поле – www.ovcepole.mk, а посетителите ќе имаат можност да разгледаат и многу стари фотографии од Овчеполието и Свети Николе, но и нови фотографии од неколку млади фотографи од градот, дополнети со избор на карти и мапи. На настанот ќе бидат прикажани и кратки видеа кои го потенцираат непроценливото значење на културното наследство и природните ресурси на Овчеполието, а за музичкиот дел ќе се погрижат неколку млади музичари со потекло од Свети Николе. 

Настанот се случува по поканата која авторот ја доби од ОУ Дом на култура „Крсте Мисирков“, кои го овозможија просторот и техничките услови за ова случување, а изборот на учесниците и организацијата на програмата се направени од м-р Никола Ристевски.

Во тек се комплетирање на програмата и последни подготовки за претстојното случување, за кое ќе бидете известени преку некои медиуми и оваа интернет страница.