За нас Импресум Контакт

Интервју со младиот актер и сценарист Никола Кузелов

 

Објавено на 19.01.2019, прочитано 1854 пати

Здраво живо Никола. Благодарам за овозможената прилика за интервју. Се надевам дека со овој наш мал разговор ќе ја претставиме твојата професионална работа.

-  Што те предизвика да стапнеш на „даските кои живот значат“?

Сонувањето со отворени очи - daydreaming, претпоставувам. Уште од дете се занимавав со аспекти од животот кој се нерационални и одев во сфери кои ми биле непознати и апстрактни. Веројатно овој ментален склоп сам ми ја има наметнато професијата како актер, па подоцна и како сценарист и писател. Инаку на даските што живот значат сум од 8 годишна возраст, уште на старите даски во Домот на култура во Свети Николе кои и буквално можеа да значат живот.  :)  

- Во какви уметнички проекти си учествувал до сега?

Имам 26 години и сеуште не сум заробен во институција, за среќа или за жал. Сум работел во неколку театри низ Македонија како гостин, но поголем дел од мојата работа бил на алтернативната уметничка сцена, од перформанси, преку алтернативни претстави до независни филмови. Сум работел и во Македонија и надвор од Македонија, сум работел и за пари, а сум работел и во финанскиски минус. Тоа е горчината и убавината на оваа професија. Жално е тоа што кај нас понекогаш нема кој да те слушне, државата ни стана "политичка клиника за исфрустрирани граѓани" така што се се губи во политичкото сивило, дури и јас со овој одговор... Затоа тука ќе прекинам.

- Кажи ни нешто за првиот филм...

"Јавачи на коњи" е проект кој ми е особено драг од многу причини. Тоа е нашиот прв независен филм кој го направивме сами, без никаква поддршка и според мене во своите околности доживеа голем успех. Учествуваше на 20ина фестивали низ светот, а се здоби и со награда за најдобар филм во Каролина во Америка на FAM Film Festival, по што беше прикажан на светската ревија на филмови во Њујорк во програмата на независни филмови. Исто така тоа е моето прво сценарио за долгометражен филм кое е испродуцирано, а јас играм лик кој самиот го имам напишано, што е многу забавно и предизвикувачки.

- Со кое твое сценарио се бориш за награда на Hollywood Casting and Film (HCF) Screenplay Competition?

"WE ARE ALL PARROTS, EXCEPT THOSE WHO ARE NOT or A LIGHT THAT NEVER GOES OUT" е мрачна бајка која претставува силна метафора за лошите страни на едно демократско општество. Нашиот протагонист на денот кога полни 18 години се буди во целосни нови околности во неговата куќа. Тој живее со неговите двајца чичковци од кои едниот го малтретира и експлоатира постојано да топи восок за свеќи. Тој во коалиција со другиот чичко успева да се избори за своите права за на крај да се најде во уште полоша ситуација. Попатно го жртвува своето милениче, папагалот кој низ целата приказна му е единствена надеж и поддршка.  Инаку сценариото моментално е во финалистите на фестивалот, а доколку имам среќа и победи, ќе добијам буџет за да се продуцира во 2020 година.

- Во тек е претстава во која учествуваш, за што станува збор?

"Јас сум актер-човек" е во режија на Теа Беговска, а во актерската екипа покрај мене се и Надица Петрова и Даријан Петров. Станува збор за еден алтернативен театарски перформанс кој има за цел да ја разбуди публиката емотивно и интелектуално.  Формата е неконвенцијална,  темата е урбано суштинска, а самиот перформанс е отворен за интеракција со публиката која го прати во моментот.

- На што работиш во почетокот на годинава?

Актерски сум ангажиран на перформансот кој го споменавме и работам на една мала улога за новиот македонски филм "Лена и Владимир". Но најмногу сум преокупиран со новото сценарио за долгометражен филм на кое моментално работам. Тоа е една комедија на Балкански апсурд кој може да се разбере во целиот свет. Ако се биде во ред планираме да го реализираме до 2020 година по истиот пат како "Јавачи на коњи".

- Дали си доаѓаш во родниот крај?

Да, колку што ми дозволуваат временските можности. Често имам идеи за културна афирмација на Свети Николе, но никако да ги реализирам. Се надевам ќе најдам време, можности и поддршка од одредени луѓе за реализација на моите планови.

- На какво мнение си за градот во кој порасна?

Ова не е градот во кој пораснав!

- Што за тебе значи Македонија?

Прекрасна земја со многу папагали, а уште повеќе лоши чичковци. :)

- Што би им порачал на помладите и на нашите читатели?

Да се разбудат, време е за нови почетоци!

 -----------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Благодарам за разговорот, ти посакувам успех во работата и да си жив и здрав!