За нас Импресум Контакт

Никола Кузелов - домашно, независно и успешно (интервју)

 

Објавено на 10.02.2019, прочитано 537 пати

Здраво живо, Никола. Честитки за успесите на меѓународен план и секоја чест за креативноста и уметноста која ја создавате.

nikolakuzelovhorseriders.jpg

Во кои земји и на какви фестивали конкурираш со твоите проекти?

Здраво живо! Поконкретно, проектот за кој добивме награда, филмот “Јавачи на коњи” е заеднички независен филм на мене и режисерот Марјан Гавриловски, заедно со целата останата екипа. Инаку со филмот аплицираме секаде каде што имаме можност. Бидејќи станува збор за независен филм, кој нема никаков буџет и не е поддржан од агенцијата за филм, најчесто трошоците за аплицирање ги покриваме ние, самите автори. Имаме аплицирано на триесетина фестивали, а до сега филмот бил во официјална селекција на 22 од нив, а се здоби со награда за најдобар игран филм на FAM film festival во САД и пред неколку дена на Yala International film festival во Непал.

nikolakuzelovaward.jpg

nikolakuzelovyala.jpg

Што би кажал за независната кинематографија во Македонија?

Не би можел многу да зборувам бидејќи ја нема. „Јавачи на коњи“, ако не се лажам е прв независен, домашен игран филм кој поминал на репертоар низ скоро сите кина во Македонија и се закитил со две награди. Можеби е и прв независен, домашен игран филм воопшто. Набргу после нас колегите Ивица Димитриевиќ и Мартин Иванов по сличен пат го направија играниот филм „Копање" што многу ме израдува. Во контекст на независните филмови ќе пробам да извлечам еден друг заклучок. Нема да спомнувам колкава сума на пари сме потрошиле за да го направиме „Јавачи на коњи”, но да речеме дека со парите кои ги оддвојува државата годишно можеме да имаме 500 филмови како „Јавачи на коњи". Ајде не мора сите да работат во мизерни продукциски услови како нас, па таа бројка да ја спуштиме на разумни 50. Добиваме 50 домашни филмови годишно и 50 филмски сетови на кои ќе можат да работат филмските работници. Оваа математика можеби звучи лудо, но според мене на крајот на денот би била во корист на сите. Да, ќе имаме многу лоши филмови, но ќе имаме и неколку многу добри.

nikolakuzelovteam.jpg

Дали во Македонија го добивате истото внимание и признание како надвор?

Ако признанието е задоволството на публиката од филмот, потврдувачките зборови на колегите за квалитетот и побарувачката за нов бран проекции, тогаш да - го добиваме. Но, ако признанието е одобрени средства за нов проект и мотивирање за работа од страна на филмскиот фонд, тогаш не - не го добиваме. Сепак, морам да додадам дека првото признание е многу побитно за нас како уметници и личности, а второто е само фактичка состојба која за жал нè кочи.

Како одат проектите кои се во тек?

Сега за сега, одлично! Се подготвуваме за снимање на нов филм, моментално сме во фаза на предпродукција и се надеваме дека ако сè биде во ред, ова лето ќе почнеме со снимање.

________________________________

Само напред, ѕе!