За нас Импресум Контакт

Геоглифот во Овче Поле

 

Речиси во средината на Овче Поле, јужно од Свети Николе се наоѓаа месноста која што народот ја нарекува Канда.

Објавено на 10.10.2015, прочитано 194 пати

Меѓу овој простор и селата Долно и Горно Црнилиште се наоѓа ридчето кое што разбуди интерес кај македонската и светската јавност. Оваа област народот ја вика Пударница. Претставува мала височинка, која се издига над околниот терен и има одличен видик на Овчеполието. Околината околу малото и рамно ридче е обработлива земја (црница) која што мештаните постојано ја обработуваат и посејуваат со житни култури. Составот на земјата на малото ридче е од песоклива почва, од едар песок со примеси на едри каменчиња и се забележуват остатоци од варов раствор. Составот на земјата и на обработливата површина околу него ме наведува на тезата дека тоа претставува вештачка формација подигната некогаш во минатото - могила (рамна), хумка или вештачко плато на кое се извршувале одредени култови дејствија или набљудувања на небесните тела.

Во околината на месноста Пударница има два локалитети од кои што има можност песокот да е пренесен и да е подигнато вештачкото плато. Едниот локалитет е до с. Г. Црнилиште, а другиот е до с. Кнежје - до археолошкиот локалитет Билазора. Според анализите и набљудувањето на составот на песокот и примесите во него од едри каменчиња и школки, потврдувам дека песокот е пренесуван од Кнежје, до археолошкиот локалитет Билазора кој се наоѓа неколку стотини метра западно. Овде се поставува прашањето кога и кој го направил платото. Дали е подигнато во времето кога Билазора е во својот најголем административен, воен, културен подем или пред тоа, не знаеме. Одговорот можеби ќе го пронајдеме во идните археолошки истражувања.

Платото е со површина од околу еден хектар, во која се ископани ровови од околу 0, 60 м.длабочина. Формите на рововите претставуваат една неправилна елипса која е протегната во посока север - југ. Во неа има уште три рова. Два од нив се во насока исток - запад, се наоѓаат во северната половина на елипсата и се со должина од 2,5 м, додека третиот е во насока север - југ и е речиси двојно подолг. Тој започнува помеѓу двата помали рова во северната половина и се протега скоро до работ во јужната половина на елипсата. Неговиот завршеток наликува на растегната и накосена буква `W` од латинската азбука, или М од нашата. Во кратки црти можам да кажам дека на платото во Пударница, со помош на рововите грубо е скицирано лице на човек.

Фотографијата на платото и рововите на него побуди интерес кај многу истражувачи и ентузијасти, имено тоа е причината поради која што ја претставувам оваа статија во јавноста. Според Домагој Николич, истражувач на мегалити на Балканот, скицата или геоглифот на платото ја е аналогна на космичкото јајце од кое се раѓаат змејовите близнаци, и патот на соѕвездието Касиопеја. Друга интрепrетација на геоглифот на платото, според Македонската транскрипција на Каменот од Розета, даде и Саше Ендроски, потврдена од професорите Аристотел Тентов и Томе Бошевски кои сметаат дека геоглифот го симболизира богот „ЅЕ"- врховен бог на древните Македонци, и неговата посвета кон Големата, Врховна - Прва Мајка.

Јас неможам во никаков случај да го интрепетирам геоглифот, бидејќи немам познавања од астроархеологија и лингвистика, но во статијава ја представив топографијата на геоглифот, составот на земјата од кој е изграден, а во наредниве неколку реда ќе ја пренесам и неговата поврзаност со неколку археолошки локалитети. Секако, во неговата близина е Градиште – Славев Дол до селото Кнежје или популарно наречената Билазора. Јужно од акрополата на древниот град се наоѓа некрополата. Таа е ориентирана исток -запад, т.е. гледа кон исток или кон платото со геоглифот.

Самиот терен на некрополата е на повисоко ниво од околината, благо се спушта кон исток и завршува пред платото на кое е поставен геоглифот. Освен тоа од некрополата на Билазора до платото на геоглифот постојат неколку извори, поставени во права линија, остататоци од тие извори немаме на површината, но јасно се гледа водата која се уште ги преплавува околните ниви. Од овде изведов заклучок дека тие извори мора да бидат поставени покрај пат, кој е во посока некропола – геоглиф.

Геоглифот не е изолирана појва во нашава територија. Тој се наоѓа во права линија помеѓу мегалитска опсерваторија на врвот Кокино, Цоцев Камен и рудникот Алшар на Кожуф планина. Освен тоа тој е врв на рамностран триаголник со точките Стибера и старите Пајонски гробишта.