За нас Импресум Контакт

Од каде тие податоци и стара литература за Овчеполието и што понатаму?

 

Објавено на 05.01.2019, прочитано 95 пати

Научните истражувања на територијата каде што се протега Овчеполската Котлина не се малку на број. Уште пред неколку векови во стари германски, француски, англиски и руски книги биле запишани информации за Овчеполието. Историските настани коишто се одвивале на овој простор, културните традиции, континуитетот на живеењето на човечкиот род низ сите познати ери и епохи потврдуваат дека засебниот простор во „тектонската тонатина“ со неговите посебни, разнообразно ретки и уникатни  природни и културни карактеристики со право се нарекува Овчеполски регион. Записите од старите бугарски и српски книги од 19 и првата половина на 20 век ни даваат доволно информации за да разбереме дека и во тоа време немале директен увид во минатото од пред само неколку векови. Многуте додавања при обидите за пропагандна злоупотреба со историските факти и податоци допринеле за дополнителни забуни при читањето на одредени постари историски сведоштва подоцна и нивното обработување. Причина за многуте усни преданија и митови и значително помалкуте запишани факти и податоци за Овчеполието се и честите миграции во, од и низ Овчеполската Котлина, климатските промени, болестите, но и исчезнувањето на старите книги од манастирите, црквите и старите училишта. Достапноста на дел од дигитализираните книги и списанија на научните институти и државните библиотеки од соседните земји, заедно со отворената светска интернет архива во која се наоѓаат скенирани книги и научни записи, коишто ретко можат да се видат во домашните библиотеки, ни овозможуваат подлабок увид во минатото и значењето на големото и плодородно Овчеполие. Воените книги од соседните држави и повеќето војни кои се воделе во и околу овие простори сведочат за стратегиското значење на Овче Поле. Научните проучувања на „Овчеполската степа“ – посебниот предел на овој дел од светот со карактеристики на степа со свои посебни климатски услови во коишто живеат ретки, дури и ендемски видови на растенија и животни, потврдуваат и за природното значење на овој регион. Големата бројност на сончеви часови во годината, ветровите коишто дуваат буквално од сите страни и големите количини на вода под земјата, се богатства со кои располага Овчеполието, а доколку бидат разумно употребени би овозможиле подобар живот и на соседните региони во Македонија. Природните ресурси се во огромни количества и треба да се внимава со плановите за експлоатирање преку начини кои би можеле да наштетат на земјоделието и природниот синџир во поднебјето. Овчеполскиот регион, кој претставува посебна целина, треба да биде заштитен како посебен културен и природен резерват кој ќе се развива преку екологија, научно-истражувачка дејност и практична работа. Моделите на управување преку меритократија и економска издржливост се соодветни за зачувување на постоечките ресурси и понатамошен развој на регионот.

Никола Ристевски

Свети Николе – главната населба во Овчеполската Котлина