За нас Импресум Контакт

Од ЗБОРНИК ЗА КРАТОВО - книга втора, нова книга со легенди, преданија, приказни, стари вистини

 

Објавено на 11.01.2019, прочитано 258 пати

Први јавни објави на делови од подготвената книга која е на ред за објавување - ЗБОРНИК ЗА КРАТОВО - КНИГА ВТОРА, од Стевче Доневски од Кратово и Никола Ристевски од Свети Николе.

 

Никола: Батко Стевче, се сеќаваш ли дека пред неколку години ми кажуваше за едни порти со катанци? Пишувам нови текстови за старите патни правци во нашите краишта и се сетив дека си ми кажал за едни порти со катанци...

Стевче: Текнува ми, како да не ми текнува. Има едно село Трипатанци. Пред околу триесет години, запишав информација од една возрасна жена.

На 16 5 1990 ми е кажана легенда од Голубинка Бошкова (моминско) од село Пробиштип, омажена во село Трипатанци.

-         Бабо, ќе те прашам нешто, ама право да ми кажеш – оти вашто село се вика Трипатанци?

 Еее дете, кога се омажив овде, старите од селото ми раскажуваа дека порано ова село се нарекувало Три Катанци. Имало три врати на реката, за сите три правци на каде што воделе патиштата. Секоја капија е за соодветните патни правци од и кон соседните региони.

Кај првата капија и ден денеска има место Глобица, каде што се плаќала глоба. Од таму се минело Ратавица, Злетово, Кнежево, Каврак, Ќустендил Софија.

На втората капија се идело за Пробиштип, Кундино, Грезилевци, Петрово, Шлегово, Кратово, Паланка.

Третата капија била за село Бучиште, а од таму се оде за Овче Поле.

На трите капии минувале патниците и карваните кои се движеле од североисток кон југозапад, но и од југозапад кон североисток. Секој требало да каже што превезува и да плати соодветни давачки за стоката или робата која ја пренесувале. Во тоа време се превезувале житни култури, млеко и млечни производи, дрва, руда, алати, суровини за работа, и што ли уште не.

-          А за Злетовска река памтеш ли?

-          Да, дете. Е овака - од изворо до над Злетово се вика ЗЛАТНА РЕКА. Од над злетово до Три Катанци се вика Злетовска река, а од там до Крупиште се вика Голема река.

-          Оти голема, бабо?

-          Разлева се од планината од обилна силна вода, од неа се вадат ниви и пунат други реки, затоа синко.

-          А, какво е тоа име Бучиште?

-          Там имало извори на жива вода кои многу бучеле, затоа – Бучиште. Таа силна вода ги вртела валавниците и водениците и била млака, по малку топла, таман за нивите со ориз. Од там под земја многу вода идела и за Овче Поле...

-          А кога биле проодни тие капии со три катанци?

-          Там и дн и ноќ врвело народ пред турско, уште од ногу старо време, дете. Знајало се ред, имало стражари и работници, ама тоа угинало. Капиите се затвориле со катанците, и народ почнал да заобиколува или да иде по други блиски патишта. Така со време селото од Три Катанци почнало да се вика Трипатанци – по трите пата.

 

www.zbornikzakratovo.wordpress.com

    www.etnohouse.mk

w  www.nikolaristevski.com