За нас Импресум Контакт

Овчеполските книги на новото време - новите изданија за Свети Николе и Овче Поле

 

Во декември минатата година, пред празникот Свети Никола беа објавени книгите „Зборник за Овче Поле - книга прва“ и „Зборник за Овче Поле - книга втора“. Во текот на оваа година беа објавени книгите...

Објавено на 14.12.2018, прочитано 315 пати

Свети Николе е мало населено место во големото Овче Поле, со име кое го прави единствениот град со име на светец во Република Македонија. Денешно Свети Николе се наоѓа врз старата населба Свети Никола, која со векови била главна населба во Овчеполието. Овчеполската Котлина, втора по големина во Република Македонија, уште од памтивек била со огромна воена, стратегиска и економска важност. Откако во 2014 Овчеполието стана првиот регион во Република Македонија каде се извршија недеструктивни, односно неинвазивни архео-акустични истражувања, активностите за проучување на природните ресурси и културното наследство и нивното претставување и прикажување пред јавноста не престануваат.

Во декември минатата година, пред празникот Свети Никола беа објавени книгите „Зборник за Овче Поле - книга прва“ и „Зборник за Овче Поле - книга втора“. Во текот на оваа година беа објавени книгите „Свети Николе - главната населба во Овчеполската Котлина“, „За Овчеполските работи“ и „Зборник за Овче Поле - книга трета“, со што за една календарска година Свети Николе и Овче Поле добија пет значајни наслови со многу важни факти, информации и податоци. 

Авторот Никола Ристевски, кој истовремено е и уредник и издавач на овие публикации, во 2016 година ја објави книгата „Имагинариум“, а во 2018 и книгата „Зборник за Кратово - книга прва“, со што веќе е автор на седум печатени изданија. Како член на меѓународната научна организација Super Brain Research Group ги преобјави трите научни трудови за истражувањата во Овче Поле во дигиталното издание „Archaeoacoustics and Archaeoastronomy at Kanda geoglyph in Ovche Pole“ во 2017. Издавач е и на дигиталните изданија „Ѕе гледа сè“ - збирка со проза и поезија на македонски јазик, „Luminous Neutrino“ - збирка со поезија на англиски јазик, „Зборниче“ - собрани одбрани извадоци од книги и записи за Овче Поле и „Новинарски записи за Овче Поле и Свети Николе“ - книга со одбрани исечоци од новинарски записи стари околу четири децении, објавени во 2016 и 2017 година. Неговата магистерска теза од 2017 година, насловена „Управување и маркетинг на туристичкиот потенцијал во Овчеполската Котлина“ е првиот научен труд во кој се обработуваат начините за управување и маркетинг на огромниот туристички потенцијал во Овчеполието. Во изминатите седум години го има претставено Овчеполието преку повеќе појавувања во телевизиски емисии и прилози, објавени книги и истражувања, десетици радиоемисии и многу текстови кои се објавени на неколку интернет страници.

Едицијата книги „Зборник за Овче Поле“, од која до сега се објавени три изданија – книга прва, книга втора и книга трета, претставува спомен на старите книги во кои се споменува Овчеполието, дополнети со собрани нови записи за големиот Овчеполски регион. Овчеполската Котлина воодушевува со своето културно наследство, а природните ресурси со кои што располага се толку богати, што со право Овче Поле уште во древноста било простор каде што имало големи населби во кои живееле развиени цивилизации. Фототипните страници од старите книги се пренесени со цел автентичен увид во старите извори на литература, без промени, ниту со додавања и одземања, за да се долови вистинскиот текст од старите книги во кои се споменувало мистичното Овчеполие. Големината на овој формат овозможува поголема прегледност на страниците од старите книги и удобно читање на новите текстови. Собраната литература претставува попис на скромна библиотека со значајни објавени редови во кои се споменува, опишува, прегледува и проучува Овчеполската Котлина. Во Зборник за Овче Поле – книга прва, книга втора и книга трета на над 600 страници можете да читате фототипни текстови од околу 50 различни книги, 20 научни списанија, гласници и зборници, 10-ина весници од 19 и 20 век, одбран историски прилог за Овчеполието пишуван на крајот од минатиот и почетокот на овој век, заедно со многу текстови напишани во последната деценија. Изгледот и едноставноста на изданијата претставува спомен на старите Зборници кои се објавувале во регионот пред повеќе од еден век. Како автор на дел од текстовите, уредник на едицијата и издавач, ги објавив овие три изданија со цел да биде зачуван споменот за научните проучувања, патеписи и извештаи за Овчеполието. 

Збирката на книги за големото и плодородно Овче Поле е дополнета со уште два наслови – „Свети Николе – главната населба во Овчеполската Котлина“ и „За Овчеполските работи“, со што од декември минатата година до овој месец официјално се издадени пет наслови за Овчеполието. 

Работата на Овчеполските книги на новото време продолжува, во подготовка е книгата „Овчеполските села“, во која детално се попишани старите исчезнати, раселени и уништени населби во Овчеполската Котлина, но се опишуваат и денешните села во регионот. Едицијата „Зборник за Овче Поле“ ќе продолжи со книга четврта со собрани фототипи за Свети Николе, книга петта со археолошки извештаи и историски записи за Овчеполието кои биле објавени во втората половина на минатиот век и книга шеста со одбрани исечоци од весници од почетокот и крајот на 20 век во кои се пишувало за Овчеполскиот регион.

Во тек се подготовките и на книгата „Прирачник за (аван)туристи кои сакаат да го посетат Овче Поле“, „Зборник за Кратово - книга втора“, збирката со приказни за деца и возрасни „Древното Овче Поле во новото време“, неколку аудио – звучни книги, документарниот филм со исечоци од стари видеа и нови кадри од регионот, дополнети со значајни текстови за Овчеполието и два кратки аматерски филмови.