За нас Импресум Контакт

Свети Николе во 20 век

 

Од книгата „Свети Николе - главната населба во Овчеполската Котлина“

Објавено на 18.12.2018, прочитано 474 пати

Свети Николе во 20 век

од книгата „Свети Николе – главната населба во Овчеполската Котлина

Никола Ристевски, 2018

Во почетокот на 20 век, во Свети Николе веќе биле развиени повеќе занаети, постоеле дуќани и анови, но со зголемувањето на бројноста на населението, проширувањето на населбата и развојот на гратчето, се зголемувало и присуството на аскер и жандармерија. Каналите за пренесување на оружје, книги и пари од Бугарија преку Вардар поминувале токму од овде. Патните правци од Србија кон Солун минувале по старите друмови низ Овче Поле, а преку нив започнале чести навлегувања на чети од север. Пред Балканските војни во Овчеполието се наоѓале едни од најголемите одреди на турскиот аскер. За време на Балканските војни, војските на Бугарија и Србија поминувале и се пресметувале баш на Овче Поле. Свети Николе не било поштедено ни во Првата светска војна, а сведоштвата од повозрасните кажуваат и за разрушувањата на делови од градот и за време на Втората светска војна.

Според кажувања на повозрасните, во периодот пред Балканските војни во Свети Николе постоела нижа турска гимназија – медреса, а постои и податок според кој во 1909 година во прогимназијата се изучувал и францускиот јазик, а во неа учеле 60 ученици. До Балканските војни, во Свети Никола веќе се развиле налбатскиот, ковачкиот, самарџискиот, сарачкиот, коларскиот, мутавџискиот, абаџискиот, опинчарскиот и берберскиот занает. Годините на војните и немирите се одразиле и на животот во населбата, која имала уште еден обид за поголем развој во дваесетите години од минатиот век.

По балканските војни, новинарите од Белград во тамошните весници објавуваат статии во кои го опишуваат Овчеполието, известуваат за војните и настаните околу нив во овие краишта, но и го опишуваат начинот на живот на населението, а во неколку стари новинарски написи можеме да прочитаме и опис на неколку свештеници од Овче Поле. Според новинарите, во почетокот на втората деценија од минатиот век, во Свети Никола и Овче Поле уште траеле народните традиции од „време турско“, кои најјасно се забележувале за време на Овчеполските свадби и во деновите на големите христијански празници.  Еден интересен текст од 1913 година ни покажува сведоштво на новинар, на кого тогашниот поп во Свети Николе, на кого не му е споменато името (а најверојатно станува збор за поп Александар Поп Петров – поп Санде), на прашањата за владетелите од „пред турско“, на новинарот му одговорил дека „тоа не биле ни српски, ни бугарски кралеви, туку христијански“. Другиот споменат свештеник во истиот напис, на кого му е објавено и името, на прашањето за некоја песна за „голем бој и удовица Милица“, одговорил дека тоа била Милица на Лазар, песната била уште пред Косовската битка, а Лазар бил „рисјански цар“.

Завршувањето на изградбата на железничката пруга Велес – Штип во 1923 и нејзиното продолжување до Кочани две години подоцна ги прекинало трговските врски на Свети Николе со Злетовската и Кочанската околина. Новата пруга им овозможила на трговците од Свети Николе побрзо да ги испраќаат своите стоки кон Велес и Штип, иако железничката станица „Овче Поле“ била направена на скоро 10 километри од градот. Во тој период била проектирана и трасата за железничка пруга од Овче Поле преку Свети Николе до Куманово. Неколку пајтони биле користени за превоз на патниците од градот до железничката станица, житните култури и земјоделските производи кои се откупувале и се испраќале преку железничката станица до таму биле носени со запрежни товарни коли, а стоката која се продавала во Свети Николе и околината била спроведувана пеш од „луѓе кои си ја знаеле таа работа“. Зградата на железничката станица „Овче Поле“ и зградата каде што денес е сместен Народниот Музеј на Свети Николе се изградени токму во тој период. Во тие години бил формиран и ФК „Овче Поле“, а тимот имал и свој тамбурашки оркестар кој го придружувал дури и на гостувањата. Жичените инструменти во градот биле многу, а во почетокот на следната деценија веќе бил формиран и градскиот дувачки оркестар. Во годините пред „големата криза“ била создадена занаетчиска задруга, а новата власт започнала со обиди за колонизација на Овчеполието, кои завршиле неуспешно. Пред Втората светска војна веќе се иселуваат и Турците од Свети Николе. Забележано е дека тогаш во градот имало само еден лекар. Во гратчето постоеле повеќе помали „старовремски“ млинови, но и два парни млина. Повозрасните уште ги паметат старите мразари и мразарџиите, кои во текот на зимата го сечеле мразот со секири, за да го чуваат во посебно направени подземни мразарници. Во периодот меѓу двете светски војни пазарот е симнат од пред црквата во центарот на градот. Тогаш во центарот на Свети Николе од чешмата „Муслук“ течела многу силна вода од седум чепури. Забележано е постоење на маази за точење на ракија и вино и продажба на афионов катран. Иако протокот на вода бил слаб во текот на целата година, во Свети Николе постоеле десет воденици, а пред околу еден век во  неговата околина се забележани и едни од првите ветерници во Македонија. Се знае дека првиот автомобил во Свети Николе бил „форд“, вториот „кабриолет“, а третиот бил користен како денешниот „такси превоз“. Во 1928 година била завршена изградбата на зградата на училиштето „Гоце Делчев“ до денешната црква, а истата година биле отворени и вечерна занаетчиска школа, женско работничко училиште и „државна мешовита граѓанска школа“, која претставувала обид за насилно пропагандно образование и престанала со работа четири години подоцна, по само една генерација.

Големата економска криза од крајот на дваесеттите и почетокот на триесеттите години на минатиот век и промените во државното управување и економијата принудиле многу трговци, но и земјоделци, да подигнат кредити кои никогаш не ги вратиле, па биле приморани или да работат за многу малку пари или да се иселат од овие краишта. Оние кои останале си ги работеле земјоделието, сточарството и градинарството, но и учеле занаети кои биле потребни во заедницата. Сеќавањата на постарите за трговците, сведоштвата од минатото и записите од весниците од тоа време потврдуваат дека тогаш дури и на овчеполскиот мак – афион му паднала цената, а дел од занаетчиите почнале да добиваат конкуренција во фабричките производи кои доаѓале во се поголеми количини и полека ги истиснувале рачно изработените продукти. Сепак, во тој период се забележува изградба на хотел во гратчето, дури и отварање на книготека.

Во 1929 година во Свети Никола имало две кројачки, шест чевларски, три ќурчиски, две столарски, пет ковачки, две калајџиски, четири фурнаџиски, пет терзиски и по една бојаџиска и сарачка работилница. Во 1936 постоеле 90 трговски и занаетчиски дуќани и работилници, еден хотел и шест анови. Имало и неколку фурни и кафеани. До периодот по Втората светска војна веќе почнале да исчезнуваат мутавџискиот, терзискиот, сарачкиот и бојаџискиот занает, најчесто бидејќи дел од занаетчиските производи започнале да се заменуваат со фабрички.

За време на Втората светска војна во Свети Николе имало српска, бугарска и германска војска. Активното вклучување на народот во борбата за ослободување и засилениот отпор од населението уште се паметат од највозрасните, а за тоа време сведочат спомените за партизаните, но и културните и социјални активности дури и на најмладите. Во тој период во Свети Николе постојано се играла претставата „Македонска крвава свадба“.

По ослободувањето, во првиот број на Службен весник, градот е запишан како Свети Николе, а во вториот број од 1945, објавен во оригиналната форма како што бил пишуван на машина – Свети Никола. Организирањето на стопанските дејности веднаш по Втората светска војна потврдува за забрзаните напори за развој на гратчето. Податокот за отварање на нижа стручна школа за механизација на земјоделието уште во 1948 година, организацијата на градската библиотека веднаш по војната и испраќањето на млади кадри во учителски школи, заедно со информациите за повторениот обид за изградба на железничката пруга во деценијата откако завршила војната, формирањето на задруга која прерснатала во земјоделското стопанство „Овче Поле“ и проширувањето на неговата земјоделска и сточарска дејност, разработувањето на рудникот за азбест веднаш по војната и проширувањето на дејностите на претпријатието во Богословец за производство на азбестно влакно од сите класи, азбестна и сива лепенка,  кое што во децениите подоцна и покрај затварањето на рудникот се претворило во посебен индустриски капацитет, засадувањето на овоштарниците и лозјата во „Канда“, отварањето на килимарата за производство на персиски килими и другите стопански случувања, сведочат за засилените обиди за развој на Овчеполскиот регион со неговата главна населба Свети Николе во периодот непосредно по Втората светска војна.

Во Службен весник од 28 април 1952 година читаме дека Овчеполската околија во тоа време ги содржела Светиниколската и Штипската општина. Во Светиниколска градска општина, во чие подрачје влегувале Свети Николе и селата: Кнеже, Нова Мездра и Стара Мездра, а сите други села од околината на Свети Николе и Штип биле поделени на десет селски општини. Во 1954 година веќе е овозможено и самостојно финансирање на селекционата овчарска станица во Мездра, организирана во претпријатието „Први мај“, која постоела подолго време, а мандрата била надалеку прочуена по овчеполското сирење и реткиот овчеполски кашкавал кој се подготвувал таму. Во почетокот на 50-те години е отворен градскиот базен, во 1955 и официјално е регистриран ракометниот клуб.

Според текстот на Јован Трифуноски, објавен во 1962 година, тогаш водоснабдувањето во Свети Николе било преку седум старински чешми и неколку бунари. Водата во чешмите била спроведена уште во 19 век, а во населбата немало изградена подземна канализација. Забележано е дека во 1959 година во Свети Николе имало дваесет и два кројачки, десет чевларски, шест ќурчиски, по пет столарски, тенеќеџиски и слаткарски, по четири ковачки, калајџиски, коларски, берберски, по три фурнаџиски, налбатски, опинчарски и по еден саатчиски и фотографски дуќан. За дел од занаетите суровините се набавувале од Овчеполието, а за некои од поголемите центри – Штип, Велес, Скопје и др. Имало „само еден млин со мал капацитет, во кој се запослени 56 работници“. Според Службен весник од 9 февруари 1962 година, кон општината Свети Николе се додаваат населените места од општината Џумајлија, а тој список на села во Светиниколската општина останува скоро непроменет во текот на целиот 20 век. Во 1965 година е изграден и градскиот стадион во Свети Николе.

Во следната деценија се забележува пораст на населението од околу три илјади жители, а во тој период се изградени денешната општинска зграда, градскиот парк и плоштад, ловниот дом и повеќето станбени згради во центарот на градот, Во тоа време биле пробиени и неколку нови улици, се поправале стари и биле спроведени градските водовод и канализација.  Решението за изградба на „Спомен – дом на Културата“, е во иста објава од Службен весник со решението за изградба на Споменик во Крушево, што е дополнителен приказ за важноста на оваа градба и нејзиното историско, урбанистичко и културно значење. Во 1974 година е забележано дека  ткаечницата за памучно платно на 407 разбоја годишно произведувала околу осум и пол милиони м2 грубо платно, автоматската мелница на „Жито-Македонија“ имала капацитет од педесет тони брашно на ден, парна фурна со капацитет од четири тони дневно, фабрика за сточна храна со дневен капацитет од 200 тони. „Изолтерма“ која годишно произведувала 7000 тони разни видови на битумен и над два и пол милиони метри квадратни подлошки за хидро и термо изолација, „Картонажа“ годишно произведувала 2000 тони амбалажа од сива лепенка, а во „Свила“ се произведувале јоргани, килими, душеци и други конфекциски производи. ЗИК „Овче Поле“ веќе располагал со скоро 30 000 хектари земја, живинарска фарма со 85 000 несилки, свињарска фарма за 30 000 свињи, 670 крави и 14 000 овци.  Од вкупниот број на населението во градот во 1971 година, во него се родени помалку од половината жители, а најголемиот дел од останатите во Овчеполскиот регион и некои од соседните краишта и области.

Во тој период во градот Свети Николе работеле гимназијата, училишниот центар за квалификувани поледелци и механичари, училиштето за ученици во стопанството и основното училиште. Поради зголемување на бројот на учениците во основното училиште „Гоце Делчев“, била изградена зградата во која е сместено денешно ОУ „Кирил и Методиј. Работел и Работничкиот универзитет чии семинари, курсеви  и неверифицирани школи годишно ги завршувале и по над илјада посетители. На крајот од 1971 година библиотеката располагала со над 13000 книги, годишно примала 25 разни дневни и неделни весници и три списанија. Во библиотеката работеле три стручни лица, имала над илјада редовни читатели, три читални со 172 седишта и 3 магазини за книги. Во почетокот на седумдесеттите години на минатиот век киносалата, која располагала со 572 седишта, имала околу 50 000 посетители. Пред околу половина век, во Свети Николе имало 2000 радиоапарати и 1000 телевизиски приемници.  Во градот веќе имало околу седумнаесет современо уредени продавници и четири угостителски објекти. Во 1971 година Свети Николе бил здравствен центар за уште 44 селски населби вои кои живееле околу 13600 жители. Тогаш во Свети Николе имало седум лекари и една аптека. Во 1973 година во новата зграда до градскиот парк каде што до тогаш била сместена проширената настава од основното училиште „Гоце Делчев“, започнало со работоа и второто основно училиште во градот – „Кирил и Методиј“. Во тие години веќе активно работен фолклорниот ансамбл и започнале Овчеполските „Фолклорни смотри“, а театарските претстави зачестиле по формирањето на Градскиот аматерски театар.

Развојот на Свети Николе во седумдесеттите години на минатиот век можеме да го проследиме преку исечоците од дневниот весник „Нова Македонија“ и дигитализираните броеви на „Службен весник“ од таа деценија. Од 1971 до 1975 година во Светиниколско биле изградени петнаесет километри локални патишта, а до 1980 била постигната планираната километража од триесет и три километри локални патишта. Во тој период преку самопридонес биле направени и поправени многу патишта од селата до градот, а кон крајот на деценијата биле започнати работите на линијата Штип – Миладиновци и Свети Николе – Куманово. Во 1977 година е направена стоковната куќа, а градбата траела четири месеци. Тогаш започнало и уредувањето на новиот градски парк, кој требало да биде продолжение на постоечкиот и да зафаќа површина од единаесет хектари. Истата година во Свети Николе се забележани 1515 возила и 1730 возачи. Се зголемил капацитетот на живинарската, свињарската и сточната фарма и во тој период месната индустрија дополнително се развила. Во 1978 година земјоделците од Светиниколско имале околу 45000 овци и било забележано дека ги зголемувале стадата, а во таа година биле откупени околу 30000 јагниња. Во последните на деценијата биле изградени и нови бензински пумпи, фабрика за дехидриран зеленчук, винарска визба, веќе била планирана изградба на хотел и мотел, а од пензионерите била започната иницијатива за изградба на Дом за одмор и рекреација во Ѓуриште. Тогаш е забележан и нов местен самопридонес за водовод и изградбата на браната во наредната деценија. Телефонските линии веќе биле преоптоварени и пристигнала новата автоматската телефонска централа, градот се проширувал и биле пуштени во употреба куќите во новата населба „Бел Камен“, бил формиран и кошаркарски клуб, а игранките, концертите, театарските претстави, проекциите на филмови и спортските натпревари веќе биле редовна појава. Во април 1978 година започнал со работа „противградобијниот полигон“ во Ѓуриште, кој бил еден првите и најголемите во Републиката. На крајот од седумдесеттите години на минатиот век се изградени и кулите во месноста „Бавчи“. Новинарските текстови од тој период потврдуваат за последиците од зголеменото населување во градот, кои се одразувале преку недоволно лекари, комунални и еколошки проблеми, исчезнување на старите занаети и запуштање на селските населби.

Во 1981 година е формирано музејското катче при Домот на културата „Крсте Петков Мисирков“. Според запис од истата година, тогаш започнале некакви градежни интервенции кои „ни од далеку не биле соодветни на автентичниот изглед на црквата“. Пред поголемите градежни интервенции, во тоа време црквата Свети Никола изгледала како и на фотографијата од 1936 во оваа книга. Долга 12 и широка 6,40 метри, еднокорабна градба со кров на две води и прозорци на ѕидовите. Во неколку извори од 20 век се забележани податоци за постоење на неколку ретки икони во оваа црква кои денес ги нема. Надградбата и изградбата на новата црква траеле до почетокот на последната деценија од 20 век. Од извештај за работата на Народната библиотека во 1986 година, читаме дека во таа година книжниот фонд бил 35000 книги, а библиотеката имала 2049 членови – читатели. Забележливо е дека само околу 150 членови биле возрасни, а останатите биле ученици од основно и средно образование, а малиот број на возрасни читатели „од проблем на библиотеката прераснувал во општествен проблем“. Во библиотеката работеле шест лица, а веќе имало потреба и уште најмалку од три лица, од кои две со високо и едно со више образование. Како матична библиотека за општинското подрачје на Свети Николе, имала потреба од проширување на читалните и просторот кој го зафаќа, но и создавање на клонови во градот и селата и набавка на библиобус.

Во претпоследната деценија на 20 век биле изградени и поголемите станбени згради во центарот на градот и населбите „Лиска“ и „Лозов расадник“.

Пописите на населението во 20 век ни покажуваат за миграциите, наталитетот и развојот на населбата. И во минатиот век Овче Поле потврдило дека е „миграциона порта“ на овој дел од Македонија. Од пописите забележуваме податоци кои и покрај староста, треба да се земат со голема веројатност за нивната точност. Во 1900 година во Свети Никола (Клисели) живееле 1910 жители; 1912 година во Свети Никола живееле 2150 жители; 1921 година – 2344, 1929г. – 2400, 1931г. – 2715, 1937г. – 2777, во 1948г. во Свети Николе имало 3468 жители, 1953г. – 3621, 1957г. – 3973, 1961г. – 4420, 1971г. – 7442, 1981г. – 10841, 1994г. – 13292. Низ целиот век областа за која Клисели, па Свети Никола и денешно Свети Николе претставува главна административна и економска населба се намалува, како што се скратува и поимањето на значењето на Овче Поле и Овчеполскиот регион.

Свети Николе во 20 век

од книгата „Свети Николе – главната населба во Овчеполската Котлина

Никола Ристевски, 2018