За нас Импресум Контакт

За старите Овчеполски тврдини

 

Некогашните овчеполски тврдини редовно лежеле на возвишенија составени од цврсти карпи. Тие возвишенија од повеќе страни имале добра природна заштита...

Објавено на 30.12.2018, прочитано 388 пати

Во Овчеполската котлина има многубројни траги на старини. Тоа покажува дека областа во минатото на секое место со услови за живот, имала по некоја населба. Во разните делови на Овчеполската котлина има локалитети на кои се наоѓале утврдени населби. Дознав за 11 такви населби. Се наоѓале во атарите на овие денешни села: Кнежје, Трстеник, Долно Ѓуѓанце, Горно Ѓуѓанце, Мечкуевци, Богословец, Орел, Алакинци, Делисинци, Судик и Немањици.

Некогашните овчеполски тврдини редовно лежеле на возвишенија составени од цврсти карпи. Тие возвишенија од повеќе страни имале добра природна заштита. При положбата на тврдините се внимавало тие да бидат во близина на важни патишта.

Старите тврдини имале различни димензија. Повеќе биле релативно мали и служеле за помал број на посада. Само некои тврдини биле со релативно поголеми размери. Во значајните тврдини секако дека спаѓаат оние што се наоѓале во атарите на селата Трстеник, Богословец и Кнежје. Под овие тврдини постоеле и мале предградија.

За тврдините во Овчеполската котлина скоро со сигурност може да се каже дека настанале пред доаѓањето на Турците. Секако дека некои од нив се користени и од страна на Римјаните. Такви сигурно се тврдините во Делисинци и Долно Ѓуѓанце. Можно е и некои од тврдините да биле изградени во средниот век, од византиското и словенското население. Новите археолошки испитувања би можеле да ја определат нивната точна старост.

Уништувањето на градиштата во Овче Поле траело со векови. Прво пропаѓаат под влијание на природните сили. Жителите на околните села ги уништувале градиштата, а материјалот го земале за свои потреби. Некои празноверни диви копачи исто така нанеле големи штети, како на пример во селото Кнежје. Единствена подобро сочувана тврдина е таа во атарот на селото Трстеник.

извор: Јован Трифуноски - Овчепољска Котлина, 1964 година

превод: Никола Ристевски